Косово

Вонредни избори во Косово, медиумите јавуваат слаба излезеност

23.04.2023 17:59

Под силно полициско обезбедување, на северот на Косово, вонредни локални избори во 4 општини, главно населени со Срби. Медиумите јавуваат за слаба излезност, српска листа ги бојкотира изборите. Приштина апелира да се излезе на гласање...

Вонредните локални избори во четири општини на северот на Косово. Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, населени претежно со Срби добиваат нови градоначалници. Гласањето организирано во контејнери под силно полициско обезбедување и под надзор на војници од францускиот контингент КФОР. 357 набљудувачи, претставници од 31 организација дел од набљудувачката процедура и по затворањето на избирачките места. 170 претставници на домашни и странски медиуми акредитирани за следење на изборниот процес.

„Навреме се отворени сите избирачки места. Дистрибуцијата на материјалот беше направена во соработка и со асистенција на косовската полиција. На 19 гласачки центри во северниот дел на Косово граѓаните избираат свои претставници со кои ќе изградат демократски правни институции“, изјави Крешник Радоничи-претседател на Централната изборна комисија на Косово.

Во трката десет кандидати – од нив само Слаѓана Пантовиќ од српската заедница, која се кандидира како независна за претседател на општина Звечан.

„Овие избори се исти како и сите претходни. Ако нема српски кандидат во областите населени со Срби, какви би биле нашите надежи?“, рече Слаѓана Пантовиќ-Српска независна кандидатка

Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, не учествува на изборите и претходно ги повика граѓаните да го бојкотираат процесот.

„Овие избори не треба да се одржат, треба да се одложат за друг пат, за два до три месеци, сега не е вистинско време за избори“, изјави Ненад Игиќ-локален жител.

Слични повици упати и официјален Белград.

„Срамота е изборите да се одржуваат во полициски контејнери, полициски станици, со вкупно 550 вооружени луѓе, да обезбедуваат еден или два проценета од оние што гласаат. Ги повикувам Србите да ги разочараме уште повеќе и да видат колку сме сложни и дека не може да не газат“, изјави Александар Вучиќ – претседател на Србија.

Европската Унија оценува дека одржувањето на избори во мирни услови на северот е од суштинско значење и ги повикува сите страни на воздржаност. Изборите следат откако Србите на Косово излегоа од институциите, како одговор на тоа што Приштина одби да го исполни ветувањето и да формира Заедница на српски општини. Гласањето првично беше закажано за 18 декември минатата година, но се одложи по барање на меѓународната заедница.

 

 

Маријана Димовска