Судан

Масовна евакуација на странските дипломати и државјани од Судан

24.04.2023 12:32

Се евакуираат странските државјани од Судан. Французин погоден, спроведувањето на конвоите отежнато поради вооружените пресметки во Куртум. Суданската армија и паравоената група „Сили за брза поддршка“ со меѓусебни обвинувања откако францускиот конвој за евакуација беше под оган, во обид да ја напушти земјата. ЕУ повикува на примирје...

Масовна евакуација на странските дипломати и државјани од Судан, поради битките за превласт кои продолжија и покрај договореното примирје. Операцијата за извлекување на конзуларните екипи и цивилите е усложнета поради тековните вооружени пресметки во Картум. САД, Британија, Германија, Италија и Шпанија се меѓу првите кои ги вратија своите сонародници.

„За жал, има многу загинати на улиците. Мојата фабрика беше ограбена. Не знам што се прави во вакви околности“, вели локален жител.

„343 јордански државјани се евакуирани од Судан, заедно со многу арапски браќа од Палестина, Ирак, Сирија и Германија“, информираше Синан Ал-Маџали, портпарол на јорданското МНР.

„Министерството за надворешни работи внимателно ја следи ситуацијата, создава работни планови, комуницира со Кинезите во Судан, издава конзуларни известувања и комуницира со суданските партии“, изјави Ву Ши, генерален-директор на кинеското МНР.

Армијата и паравоената група, позната како „Сили за брза поддршка“, се обвинуваат меѓусебно откако францускиот конвој за евакуација беше под оган, во обид да го напушти Судан. Во инцидентот е повреден француски државјанин. ЕУ ги повика началникот на армијата Бурхан и шефот на паравоените сили за брза поддршка Хемети да склучат примирје.

„Операцијата е успешна, но сложена. Стапив во контакт со двајцата генерали кои се борат во Судан, примирјето е прекинато, готово е. Мора да продолжиме да инсистираме на политичко решение. Не смееме да дозволиме, Судан кој е доста населена земја, да пукне, бидејќи со тоа ќе се предизвикаат турбуленции низ цела Африка“, изјави Џозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

За разлика од странските дипломати и државјани, суданските цивили мораат со автобуси да патуваат за да ја поминат територијата до северната граница на Египет. Во Картум и натаму нема вода и струја, ниту интернет што ги компликува напорите за евакуација.

Во борбите загинаа стотици лица, од кои повеќето цивили. Над 3.700 се повредени. Генералите ја презедоа моќта со воениот удар во 2021-ва година во кој беше соборен од власт ал Башир.

Маја С. Филдишев