ВМРО-ДПМНЕ: Владата да објасни зошто ќе исплати 53 милиони евра на „Бехтел и Енка“
Од партијата тврдат дека Владата го оштетила Буџетот, за што ќе треба да сноси одговорност. Премиерот Ковачевски рече дека досега два пати бил организиран брифинг на кој биле одговорени сите прашања поврзани со овој проект, а доколку има потреба од уште одговори, ќе биде свикан и трет брифинг...

Владата мора да објасни зошто се обврзала на пенали од 53 милиони евра овој месец или вкупно 196 милиони евра за пенали само по основ промена на законот и воведување 60 часа работна недела, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата тврдат дека Владата го оштетила Буџетот, за што ќе треба да сноси одговорност.
„Владата денеска мора да објави кога и кој ден ќе ги исплати 53 милиони евра дополнителни пенали или трошоци, затоа што не го исполни условот, промена на законот за 60 часа работна недела? Владата да го објасни напишаното на страницата 427 од договорот потпишан на 8 март тоа е оваа страница што веќе излезе во медиумите“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Премиерот Ковачевски рече дека досега два пати бил организиран брифинг на кој биле одговорени сите прашања поврзани со овој проект, а доколку има потреба од уште одговори, ќе биде свикан и трет брифинг.
Инаку, ставот на Владата е дека Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10-Д има ниво на доверливост, но тоа не значи дека некој нешто сака да сокрие.
Претходно, премиерот Ковачевски изјави дека договорот ќе го добијат пратениците и ќе се уверат дека се запазени сите законски процедури.
