Пратениците со безбедносен сертификат го чекаат договорот со „Бехтел и Енка“
По јавно изнесените сомнежи за криминал, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека земјата ќе тоне во долгови и побара објаснување зошто Владата се обврзала да плати пенали од 53 милиони евра ако не смени законот со кој ќе се регулира и работното време на градежниците. Од партијата на власт со одговор дека ВМРО-ДПМНЕ води хајка против проектот. Според СДСМ лага е дека државата ќе плаќа пенали...

Пратениците кои имаат безбедносен сертификат го чекаат договорот со „Бехтел и Енка“ како што им вети Владата. Опозицијата инсистира да го добие документот. По јавно изнесените сомнежи за криминал, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека земјата ќе тоне во долгови и побара објаснување зошто Владата се обврзала да плати пенали од 53 милиони евра ако не смени законот со кој ќе се регулира и работното време на градежниците.
„83,5 милиони евра треба да се платат повеќе, за пет години и најмалку шест месеци одложување на проектот. Со еднократната од 53 милиони сега, цената вкупна расте за 136,5 милиони евра. На тоа ако не се смени законот за 60 часа неделна работа, уште 59,4 милиони евра, значи вкупно најмалку 196 милиони евра дополнително ќе треба да се платат во следните пет години“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од партијата на власт со одговор дека ВМРО-ДПМНЕ води хајка против проектот. Според СДСМ лага е дека државата ќе плаќа пенали ако во Собранието не се донесе пакетот закони поврзани со изградбата на автопатиштата.
„Сè што ќе фатат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е погрешно и осудено на неуспех. Тоа најдобро се гледа со автопатот Кичево – Охрид, синоним за криминал и корупција, за провизии од тендери на штета на државата и граѓаните. Зарем треба да дозволиме нови паушални, скандалозни постапки и процеси на градби кои траат 10 години? Секако не“, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
Премиерот Ковачевски остана без дополнителен коментар. Тој рече дека досега два пати бил организиран брифинг на кој биле одговорени прашањата поврзани со овој проект, а доколку има потреба од уште одговори, ќе биде свикан и трет брифинг. Ставот на Владата е дека Договорот со американско-турскиот конзорциум за изградбата на коридорите 8 и 10Д има ниво на доверливост, но тоа не значи дека некој нешто сака да скрие. Засега останува неизвесно и кога на терен ќе почне изградбата. Викендов од тоа немаше ништо, а власта кусо соопшти дека отпочнале подготвителните работи.
Анита Димитријевска Велковска
