Здравство

Лекарската комора му ја одзеде лиценцата на „Тик Ток“ анестезиологот Дервиши

24.04.2023 14:34

Ова е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок, за целосно одземање ќе одлучува Обвинителството...

Судот на честа при Лекарската комора одлучи без лиценца за работа од седум години да остане анестезиологот од тетовската болница Валтон Дервиши, кој на социјалната мрежа „Тик Ток“ објавуваше видеа од пациентки од гинеколошкото одделение. Ова е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок, за целосно одземање ќе одлучува Обвинителството.

„Со денешната одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата“, велат од Комората.

Во меѓувреме, извештајот од стручниот надзор во битолската болница во врска со родилката и новороденчето кое почина по породувањето ќе биде готов најдоцна до четврток, кога истекува и законскиот рок.

Според министерот за здравство Меџити, една од лекарките кои биле инволвирани во случајот е на патување, па недостасува нејзината изјава за настанот.