Седмо издание на целодневниот џез хепенинг „Today It's All About Jazz“
Меѓународниот ден на џезот е меѓународен ден прогласен во 2011 година од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“...

На 30-ти април, со почеток од 13 часот, во паркот „Ибни Пајко“ ќе се одржи седмото издание на големиот целодневен џез хепенинг под наслов „Today It’s All About Jazz“, организиран од страна на Здружението за џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје.
Меѓународниот ден на џезот е меѓународен ден прогласен во 2011 година од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“. Овој ден се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок. Со Денот на џезот претседаваат Хенкок и генералниот директор на УНЕСКО. Прославата е забележана во календарите и на УНЕСКО, и на Обединетите нации.
„Институтот за џез Херби Хенкок“ (поранешен „Институт за џез Телониус Монк“), американска невладина организација со која исто така претседава Хенкок, е водечки организациски партнер за Денот на џезот. Институтот ги координира активностите во земјите-членки на УНЕСКО, како и дел од прославите кои се случуваат глобално.
Здружението на џез музичари, ЗЏМ Скопје, по седми пат ја организира централниот настан кој го одбележува Меѓународниот ден на џезот во земјава, за што има и официјална потврда и благодарница од самиот Херби Хенког.
Изминативе шест години, на сцената на Фестивалот „Today It's All About Jazz“ настапија огромен број на имиња, некои од нив мега-популарни, а некои пак тука ги направија првите чекори во џез музиката. На долгата листа се вбројуваат In Between, Bopheads, Летечки Пекинезери, Sethstat, Fierce, Гоце Ствековски Септет, Imaginary Folklore, Тони Китановски Трио, Џоле Грујовски Квартет, Kabadayas, Оливер Јосифовски Трио, Џезна, Михаил Јосифов Квинтет, ЗЏМ Биг Бенд Оркестар, Parussion group,Џијан Емин, Арбен Џафери, Апнеа, Дина Јашари, Pangea: Free The World, Bramha Amity, Гордан Спасовски Трио, Иван Иванов Трио, Џон Илија Апелгрен, SS Project, Offground Ensemble, Агни Авшар, Јордан Костов, Сашо Поповски, Филип Динев.
Сите овие учесници помогнаа во славењето на Меѓународниот ден на џезот, славејќи ги „придобивките на џез музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето“.
*Фото: Facebook/ Здружение На Џез Музичари и Слободни Уметници
