Тетово

Одложено читањето на завршните зборови за модуларната болница

25.04.2023 12:14

Се одложи читањето на завршните зборови за случајот – Модуларната болница Тетово. Поранешниот директор на Клиничката болница Тетово Флорим Бесими, кој се товари за кривично дело – тешки дела против општата сигурност на дојде на рочиштето. Пред да започне судскиот процес пред Основниот суд во Тетово и денеска се одржа протест за поддршка на еден од обвинетите доктор Бобан Вучевски. Учесниците посочија дека обвинителството вината треба да ја бара на друго место...

Одложување на судскиот процес за наредниот месец, кога треба да се прочитаат завршните зборови за случајот – Модуларна болница Тетово, побара одбраната на првообвинетиот Флорим Бесими, поранешен директор на Клиничката болница. Како што посочија и доставија докази пред судијата Јордан Велков кој го води предметот, нивниот клиент бил болен, имал температура и не можел да биде присутен во судот.

Пред да започне денешното рочиште, пред Основниот суд во Тетово и денеска се одржа протест за поддршка на доктор Бобан Вучевски. Учесниците посочија дека обвинителството вината треба да ја бара на друго место, докторот треба да биде меѓу пациентите, а не на обвинителна клупа.

Доказната постапка за судскиот процес Модуларната болница Тетово заврши. Откако ќе се прочитаат завршните зборови, се очекува да се објави и пресудата за овој случај, во кој сведочеа вешти лица, роднини на пациенти како и вработени во Клиничката болница Тетово.

Во случајот модуларна болница, Тетовското Обвинителство ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и доктор Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Инаку во октомври 2021 година, по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен апарат за реанимација.

 

 

Зоран Димовски