СУДАН

Завојуваните страни во Судан се согласија на 72-часовно примирје

25.04.2023 12:35

Во Судан повторно договор за прекин на огнот. Страните во конфликтот се согласија три дена да се запре ескалацијата на насилството. Во меѓувреме продолжува евакуацијата на странските дипломати од земјата...

Трет обид за прекин на насилствата во Судан. Прогласено е 72-часовно примирје по неколку дена жестоки борби меѓу двете завојувани страни. Војската на Судан и Силите за брза поддршка се обврзаа дека овојпат ќе го почитуваат договореното.

„Сите се обидуваат да постигнат поодржлив прекин на непријателствата и да ја вратат земјата на вистинскиот пат кон транзиција на цивилна влада“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Бројни држави во изминатите денови брзаа да ги евакуираат своите државјани. Конвои од странски дипломати, наставници, студенти, работници и семејства од десетици земји се обидуваа да го напуштат Картум.

„Прекините на огнот беа објавени и се распаднаа во минатото, така што ситуацијата останува опасна, нестабилна и непредвидлива. Има значително повеќе британски државјани во Судан отколку што имаат другите земји“, изјави Џејмс Клеверли, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.

„Имавме деликатни моменти, еден од нив беше сигурно трансферот од куќите до аеродромот“, изјави Микеле Томази, амбасадор на Италија во Судан.

Јапонија евакуираше 45 свои граѓани и нивните сопружници од Судан и привремено ја затвори амбасадата.

„Во иднина, преку привремената канцеларија основана во Џибути, ќе продолжиме да одржуваме близок контакт со и ќе дадеме се од себе да ја обезбедиме безбедноста и потребната поддршка на јапонските жители во Судан“, изјави Фумио Кишида, премиер на Јапонија.

Откако негираше дека Вагнер има присуство во Судан, шефот на организацијата Евгениј Пригожин вели дека е подготвен да ги распореди своите „мировни“ сили во Судан, доколку тоа го побараат граѓаните на земјата.

„Ако Суданците побараат, сигурно ќе ја испратам мировната мисија Вагнер во Судан. Да беше таму Вагнер, мислам дека војната не би почнала во Судан. Вагнер не започнува војни, туку секогаш ги завршува“, изјави Евгениј Пригожин, сопственик на Вагнер.

Генералниот секретар на ООН предупреди дека насилството во Судан може да предизвика катастрофален пожар, кој би можел да го зафати целиот регион, па и пошироко. Борбите во Судан започнаа на 15 април со над 400 жртви и илјадници повредени. Храната е дефицитарна и скапа, болниците се гранатирани и се пред колапс, на места водата е прекината, а прекините на интернет го оневозможија контактот со светот.

 

Маријана Димовска