Пендаровски: Кризите се зголемуваат, мала е веројатноста дека набргу ќе влеземе во мирни води
Кризите се зголемуваат, мала е веројатноста дека набргу ќе влеземе во мирни води, оценува претседателот Пендаровски. Рече дека само ние сме одговорни за сопствената судбина и иднината. Одговорот за развојот лежи во иновациските и дигитални екосистеми. Само така една држава може да биде поотпорна на ризиците, беше речено на конференцијата. Утре стартува Самитот „Македонија 2025“…

„Во време кога кризите се зголемуваат според интензитет и изложеност, малку е веројатно дека набргу ќе влеземе во мирни води“-ова го истакна претседателот Пендаровски на конференцијата „Поврзување на бизнисите со иновациите и технолошкиот развој преку образованието и образовните политики“. Посочи дека клучната дилема со која се соочуваме е како да обезбедиме развој во време на неизвесност. Според него, меѓу факторите што генерираат неизвеснот, постои еден што нуди решение, а тоа е дигиталната трансформација што ја менува природата на производството и на професиите.
„Крајно време е да дадеме одговор на прашањето: дали ќе се развиваме или ќе продолжиме да живееме по инерција во која стагнираме. Никој во светот го нема луксузот да чека подобри времиња, ние – најмалку! Исто така, никој од надвор нема да ги создаде тие подобри времиња. Само ние сме одговорни за сопствената судбина и иднина“, нагласи претседателот Пендаровски.
Новите технологии, економските ризици, геополитичката нестабилност и климатските промени се дел од мега трендовите што го менуваат светот. Темпото и природата на промените бара сосема поинаков пристап од конвенционалниот, беше кажано на конференцијата.
Одговорот за развојот лежи во иновациските и дигитални екосистеми и само така една држава може да биде поотпорни на ризиците, вели ко-основачот на Македонија 2025, Мајк Зафировски.
Државата мора да изгради современо образование приспособено на светските трендови и на побарувачката на пазарот на трудот. Мора да ја регулира рамката во која со јасни правила ќе функционираат тие екосистеми и треба да создава услови неопходни за екосистемите да генерираат профит за инвеститорите.
Катерина Топалова
