Црква

Започна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА

25.04.2023 13:07

МПЦ-Охридска Архиепископија и ПОА на Вранишковски се спојуваат. Одлуката треба да ја потврди синодот на МПЦ. Ова е дел од договорот со кој беше обезбедена согласноста на српската црква за автокефалност на МПЦ-Охридска Архиепископија…

Синодот на МПЦ-Охридска Архиепископија одржа седница, на која се расправаше за одлуката за обединување со ПОА на Вранишковски. Од владиците дадено е зелено светло.

Според владиката Тимотеј, митрополит на Дебарско-кичевската епархија и портпарол на МПЦ- ОА, денеска започна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ.

„Донесени се неколку одлуки, меѓутоа сè уште не можеме да ги споделиме со севкупната јавност, бидејќи истите треба да се усогласат и од страна на СПЦ. Откако ќе ги усогласиме ќе бидете информирани“, изјави денеска владиката Тимотеј.

Според него, одлуките ќе се знаат после соборот на СПЦ, околу 14 или 15 мај. Во однос на името на МПЦ-Охридска Архиепископија, владиката Тимотеј повтори дека административно името останува и нагласи дека „ние ќе се викаме како што се викаме“.