Четврта шампионска титула за Работнички
По шест години, Работнички повторно е македонски фудбалски владетел. Четвртиот шампионски пехар го обезбеди на коло пред крајот од прволигашката сезона, откако во 32.првенствена рунда го победи Еуромилк со 2-0, додека ривалите Турново и Металург загубија со по 2-1 од Вардар, односно од Шкендија. „Дебармаалци“ се недостижни на врвот на табелата со пет бода повеќе од Хоризонт и со шест бода повеќе од Металург.

По шест години, Работнички повторно е македонски фудбалски владетел. Четвртиот шампионски пехар го обезбеди на коло пред крајот од прволигашката сезона, откако во 32.првенствена рунда го победи Еуромилк со 2-0, додека ривалите Турново и Металург загубија со по 2-1 од Вардар, односно од Шкендија. „Дебармаалци“ се недостижни на врвот на табелата со пет бода повеќе од Хоризонт и со шест бода повеќе од Металург.
Додека со мислите беше во другите делови на Скопје, на „Филип Втори“ и во „Автокоманда“, Работнички долго го кршеше жилавиот отпор на Еуромилк. Тимот од Горно Лисиче достоинствено се прости од прволигашката конкуренција отежнувајќи му ја задачата на градскиот конкурент, којшто се уште изгледаше како да е опиен од прославата на триумфот во купот пред неколку дена. Сепак, додатно инспирирани од резултатите на другите терени, фудбалерите на Работнички се заангажираа во второто полувреме и откако сфатија дека се најдоа во ситуација се да зависи само од нив, исчекорија по шампионскиот пат. Борче Маневски беше двоен стрелец по асистенции на Петров во 66-та и на Тодоровски во 86-та минута и креатор на победничките 2-0. Не само што е најдобар клупски стрелец со 17 гола, туку сигурно тој е и главен кандидат за признанието најдобар играч во годинашното фудбалско првенство.
Турново не успеа да го одржи чекорот со Работнички и во последното коло на свој терен да има меч-топка за титулата, бидејќи со 2-1 загуби на гостувањето кај Вардар, којшто освои драгоцени бодови во борбата за пласман во Лига Европа. По неуспехот во куп-финалето, Металург се откажа и од шампионските соништа, дозволувајќи и на Шкендија да ги однесе бодовите од Скопје со победа од 2-1. Тетовските и скопските „црвено-црни“ во завршното коло ќе се борат за последната позиција којашто ќе донесе европско лето.
Во преостанатите денешни натпревари, Ренова го потврди опстанокот во лигата со победата над Македонија ЃП од 4-2, Пелистер и Брегалница во Битола одиграа 1-1 по што „пелистерци“ дефинитивно нема да играат на меѓународна сцена, а Напредок славеше во Гостивар со 3-2 во мечот на идните второлигаши. Покрај нив, испаѓаат и Македонија ЃП и Еуромилк.
Прва Лига, 32.коло, резултати
РАБОТНИЧКИ – ЕУРОМИЛК 2-0
ВАРДАР – Х. ТУРНОВО 2-1
МЕТАЛУРГ – ШКЕНДИЈА 1-2
РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП 4-2
ПЕЛИСТЕР – БРЕГАЛНИЦА 1-1
ГОСТИВАР – НАПРЕДОК 2-3
Табела: Работнички 62, Турново 57, Металург 56, Вардар 55, Шкендија 54, Пелистер 52, Брегалница 43, Ренова 43, Еуромилк ГЛ 38, Македонија ЃП 32, Напредок 17, Гостивар 14
