ПОА се припојува кон МПЦ-ОА
Почна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА. Донесени се неколку одлуки, кои е потребно да се усогласат со СПЦ, а потоа за нив ќе биде информирана и јавноста, изјави денеска владиката Тимотеј, по завршување на седницата на Светиот архијерејски синод …

Православната Охридска Архиепископија се припојува кон Македонската Православна Црква. Владиците во синодот на МПЦ – Охридска Архиепископија дале зелено светло Вранишковски и неговите тројца владици да бидат дел од највисокото црковно тело.
Ова било предуслов во договорите со српската црква за добивање автокефален статус. МПЦ во однос на ПОА донеле неколку одлуки кои не ги соопштуваат, не е решено кои епархии би ги добиле и во каков формат. Владиката Тимотеј вели, ова би се одлучувало на Соборот на СПЦ кон средината на мај.
„Денеска започна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ. Донесени се неколку одлуки, меѓутоа сè уште не можеме да ги споделиме со севкупната јавност, бидејќи истите треба да се усогласат и од страна на СПЦ. Откако ќе ги усогласиме ќе бидете информирани. Името административно МПЦ-ОА останува, независно кој како сака да не нарекува“, изјави владиката Тимотеј.
Јован Вранишкоски беше расчинет во 2002-ра, по што со српската црква ја оформи ПОА која не успеа како проект во земјава, а од СПЦ беше прогласен за егзарх. Беше суден и одлежа казни затвор за проневера на пари и ширење верска омраза.
Миле Ристески
