Коридорите сè уште тема на препукување помеѓу власта и опозицијата
Лидерот на ВМРО –ДПМНЕ Мицкоски уште еднаш побара договорот со „Бехтел и Енка“ да биде целосно ставен на увид на јавноста. СДСМ пак, го обвинува Мицкоски за хајката што ја води против проектот...

Од ВМРО-ДПМНЕ категорично се против, како што велат, криминалот што Владата на ДУИ, поддржана од помалиот партнер СДСМ, го прави со изградбата на Коридорите 8 и 10-Д. Мицкоски појаснува дека се против државата да плаќа пенали од речиси 200 милиони евра доколку не се донесат законските измени за 60-часовна работна недела и експропријација на нелегалните градби. Опозицијата бара јавноста да има целосен увид во договорот.
Во ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата велат дека добро е што Артан Груби е свесен дека ќе лежи во затвор, дури тој, како што додадоа, самиот си ја одредил висината на казната.
СДСМ пак, го обвинува Мицкоски за хајката што ја води против проектот. Според нив, ја води партија што е во целосно заложништво на проруската Левица и е базирана на лаги и невистини. ВМРО-ДПМНЕ е симбол за провизии, за нереализирани проекти на штета на државата и граѓаните, децидни се во СДСМ.
Пратениците со безбедносен сертификат сè уште го чекаат договорот со американско-турскиот конзорциум. Во Комисијата за економски прашања поминаа измените во Законот за минерални суровини, но блокирана е работата на измените на Законот за работни односи. Другите шест законски измени неизвесно е кога ќе бидат ставени во процедура во работните тела на парламентот.
Игор Панов
