33 земји со поддршка за влез на Косово во Советот на Европа, меѓу нив и Македонија
Комитетот на министри, на седница, реши да покрене процедура за разгледување на барањето за прием во Советот на Европа. За Белград срамна, но очекувана одлука...

Вонредните избори во општините на северот на Косово, веројатно нема да ги поместат работите од мртва точка во време кога нормализацијата меѓу Косово и Србија оди тешко, и покрај силниот притисок од Западот. Претседателката на Косово, Османи, обвинува дека Србија двапати за само 24 часа го прекршила договорот од Охрид.
Српскиот министер за надворешни работи, Дачиќ рече дека без формирање заедница на српските општини, како прва работа од Охридскиот договор, другите делови не може да се исполнат. Комитетот на министри во Советот на Европа, на седница реши да покрене процедура за разгледување на барањето на Косово за прием во организацијата. Против гласаа Унгарија, Романија, Кипар, Шпанија, Азербејџан, Грузија и Србија. Воздржани беа Бих, Грција, Словачка, Молдавија Украина, а Ерменија не гласаше. Поддршка дадоа 33 земји, меѓу кои Црна Гора, Словенија, Македонија, Хрватска и Албанија.
„Ќе водиме сметка во надворешната политика да не излеземе од границите на реципроцитет во билатералните односи – ако некој не го почитува нашиот територијален интегритет, зошто ние да го почитуваме неговиот? Ќе има длабоки и суштински одлуки во однос на многу декларации и резолуции“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
