Македонија

Отворен ден на УКЛО под мотото „Нови перспективи“

25.04.2023 15:11

По повод 44 години постоење на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во соработка со бројни компании, организации и поддржувачи на битолскиот Универзитет, под наслов „УКЛО и пријателите“ – ќе се одржи отворен ден под мотото „нови перспективи“. Приоритетите на УКЛО се следење на студентите од запишување до вработување. Целта е на младите и студентите да им се претстават можностите за квалитетно образование и можностите за личен и кариерен развој...

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ пред 44 години за прв пат ги отворил своите врати. По тој повод е организиран Отворен ден на УКЛО и пријателите, под мотото „Нови перспективи“.

„Образованието и науката ако функционираат сами за себе ја губат својата смисла, ние сме тука како Универзитет, да се грижиме за јавниот интерес на нашата држава“, порача Д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент охридски“ - Битола.

„Идните граѓани на Битола, кои ќе се обучат, ќе видат она што го работела локалната самоуправа, можностите кои ги нуди за вработување овде“, рече Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

Настанот нуди информации, мотивација за идните студенти полесно да одлучат што ќе студираат, истовремено и кои можности за вработување ќе ги имаат откако ќе завршат со образованието. На отворениот ден присуствуваа бројни компании, организации, поддржувачи на универзитетот и идни студенти.

„Ние помагаме кога се тренираат студентите да им понудиме да останат тука“, рече Гордана Ристовска Димитровска, директор на приватна установа за социјална заштита.

„Ваквите настани се значајна можност да ги информираме за кариерните и развојните можности во нашата компанија“, вели Анита Шијакова, советник за маркетинг во „СН Осигурителен брокер.

Идните студенти велат, ова е одлична можност да бидат поблиску до факултетите, повеќе да се информираат и полесно да одлучат на кој факултет да се запишат.

Универзитетот со своите 12 единици, 10 факултети, една Висока стручна школа и Научниот институт за тутун е распространет во шест градови низ државава.

Александра Максимовска