ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Закуп за државно земјоделско земјиште

26.04.2023 09:02

Закупот на државното земјоделско земјиште од сегашните 5 да се продолжи до 15 години, бараат дел од пратениците. Со предложената законска измена според предлагачите ќе се олесни пристапот до ИПАРД фондовите, а земјоделците ќе се поттикнат да вложуваат во своето производство…

Земјоделците ќе можат да го продолжат закупот на државното земјоделско земјиште од сегашните 5 до 15 години, доколку Собранието ја прифати предложената законската измена поднесена од група пратеници.

На закупците со тоа ќе им се овозможи да аплицираат за средствата од ИПАРД 3 програмата за кои е услов закупот на земјиштето да биде долгорочен.

Со продолжувањето на договорите за закуп до 15 години земјоделците, велат предлагачите, поради правната сигурност ќе бидат охрабрени да вложуваат и повеќе сопствени средства во производството.

Оваа мерка се однесува на корисниците на државните парцели кои сега имаат петгодишни договори.

Со измената ќе се даде можност во редовна процедура фармерот да аплицира за продолжување на својот договор за закуп ако се работи за долгогодишен насад.

Формалниот дел од постапката и понатаму предвидува министерот за земјоделство да може да го продолжи договорот за закуп откако ќе добие согласност од Владата по претходно добиено позитивно мислење од надлежен државен правобранител.

 

Методија Трајков