Куманово: Браните полни со вода
Куманово и Липково оваа сезона нема да имаат проблеми со водоснабдување. Браните со кои двете општини се снабдуваат со вода се целосно исполнети. Вода ќе има и за земјоделците. Врнежите од дожд предизвикаа и одрони на дел од патот во Липковско…

Најголемата општина во земјава ќе нема проблем со водоснабдувањето. Врнежите од дожд и топењето на снегот ги наполнија акумулациите. Браните Глажња и Липково во моментов располагаат со 25 милиони метри кубни вода. Водата дури и прелива од браната Глажња. Надлежните од Водостопанство „Кумановско липковско поле“ информираат дека оваа сезона и земјоделците можат да бидат спокојни.
„Навремено ја стопиравме водата и сите канали низ кои истекува, се направи прелив на бараната целата е полна. Успеавме и за „Водовод“ беше пуштен до 31-ви јануари бајпасот, им заштедивме трошоци за струја и мислам дека целата година веќе ќе можеме да им доставуваме вода на нив“, истакна директорот на АД „Водостопанство Кумановско-липковско поле“, Оливер Илиевски.
Од 14-ти месецов е пуштен и системот за наводнување. Вода ќе има и за земјоделците.
„Имаме проекти и за двете брани, но и проект за реконструкција на четвртата грана на хидросистемот, кој е доставен и се надевам дека ќе започне годинава со реализација“, дополни Илиевски.
Ваков прелив на водата од браната Глажња последен пат беше регистриран во 2018-та година. Врнежите од дожд предизвикаа одрони на карпите на главниот пат во Липковско. Истите се покрај патот и сè уште не се отстранети. Мештаните апелираат побргу да се интервенира и да се спречат несакани последици.
Елена Георгиевска
