Осквернавени бисти на поети во Алејата на писатели во Струга
Наместо културно катче кое ги овековечува имињата на великаните, Алејата на писателите во поетска Струга е комплетно запуштена. Обезглавени бисти, демолирани постаменти, неискосена трева и искршени клупи. Од Општина Струга велат ќе се преземат мерки за заштита на спомен обележјата…

Наместо културно катче, запуштена Алејата на писателите во поетска Струга. Искршени клупи, обрасната трева и грмушки, опустошени спомен обележја, исчкртани со графити, девастирани постаменти и обезглавени бисти на великаните. Ваква е денес сликата, во светската престолнина на поезијата Струга. Наместо културно катче, Алејата на писателите е комплетно запуштено место. Нема ниту обележје дека токму овде се овековечува споменот и името на познатите културни дејци, писатели и поети.
„Поизразено е во последниве години кога имаме зачестено сквернавење на спомениците и уништување на бистите од личностите кои се значајни за македонската историја, култура и литература“, вели Ален Деребан претседател на ВМРО-ДПМНЕ Струга.
Иста е сликата и во Паркот на поезијата. Често се вандализираат и плочките на светските поети добитници на Златен венец на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“.
„Постојано имаме уништување и на плочите од добитниците на венците на „Струшките вечери на поезијата“. Ниту локалната самоуправа ниту централната власт не води никаква грижа за спомен обележјата“, додава Деребан.
Последната кражба се случи пред неколку денови, кога непознати сторители ја украдоа бронзената биста на поетот Славко Јанески.
Во Алејата на писателите во Струга останаа целосни само две бисти, останатите се комплетно уништени или украдени.
Од Општина Струга го осудија настанот и најавија дека ќе се преземат мерки за надминување на проблемите.
Соња Рилковска
