Политика

Прв состанок на работната група за уставни измени

26.04.2023 12:23

На првиот состанок на работната група за уставни измени треба да бидат избрани претседател и негов заменик и да се утврдат методологијата и начинот на работа. Според Пендаровски, со внесување на Бугарите и други заедници во Уставот, Македонија не губи ништо. Премиерот Ковачевски очекува транспарентност во работата на комисијата…

Прв состанок на работната група за уставни измени. На конститутивната седница треба да се изберат претседател и заменик и ќе се утврдат методологијата и начинот на работа. По формирањето на иницијативата, ќе се отвори широка јавна дебата која според најавите треба да почне до крајот на мај. Предлагач на уставните измени е Владата, а Министерството за правда е задолжено да ја подготви предлог-иницијативата. Откако ќе се подготват измените, предлогот треба да ги помине сите работни тела во Собранието.

Во групата има и претставник од кабинетот на претседателот Пендаровски. Шефот на државата смета дека со отворање на Уставот и внесување на Бугарите и други етнички заедници, Македонија нема ништо да изгуби.

Премиерот Ковачевски вели дека постапката е според утврдената преговарачка рамка. Очекува транспарентност во работата на работната група.

Работната група има вкупно 23 члена од кои 10 се експерти, 10 се предлози на политички партии и 3 се од институции. Во неа се претставници само на партиите од мнозинството, опозицијата не партиципира.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека работната група е составена од кадри блиски до СДСМ и ДУИ, кои не се стручни во делот на Уставот и уставното право. Од Беса пак, велат дека ќе гласаат против вклучувањето на Бугарите во Уставот, доколку формулацијата „20 проценти“ не се замени со „албански јазик“.

Бугарите од Македонија пак, со писмо до премиерот Ковачевски побараа да се вклучат и нивни претставници во работната група што треба да ги подготви уставните измени, бидејќи како што велат, и тие се засегнати од овие промени. Нивното барање доаѓа откако претходно Владата и Претседателот Пендаровски го отфрлија предлогот на техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Милков, официјална Софија да биде дел од процесот на расправа. Барањето беше оценето како мешање во внатрешните работи на државата.

За отворање на Уставот е неопходно во Собранието да гласаат најмалку 80 пратеници. Засега двотретинско мнозинство нема. Власта бара консензус во интерес на нашето членство во ЕУ, опозицијата со став-темата е затворена, овој парламентарен состав нема мандат за менување на Уставот.

Милчо Велески