Киев и Москва бројат загуби, Бахмут најжешка точка
Руските сили ги засилија офанзивните акции на фронтот. Зеленски вели дека никој не може да се чувствува безбедно додека Русија не биде поразена. Лавров ги критикуваше повиците на Западот до Украина, да почне разговори со Русија по контраофанзивата…

Украинските сили стационирани на западниот брег на Днепар, изведуваат акции на другата страна на реката во обид да ги изместат руските трупи. Руски напади уништија музеј и црква во регионите Харков и Херсон. Има загинати и повредени. И натаму жестоки битки во Бахмут, Авдијивка и Маринка на исток. Москва ги засили офанзивните акции на фронтот. Киев потврди дека бројат жртви и се соочени со зголемен притисок од руските гранатирања, воздушните и пешадиските напади.
Во меѓувреме, на тајна локација, во Јужна Русија, белоруски војници се обучуваат да управуваат со ракетните системи Искандер, соопшти во руското Министерство за одбрана.
„Повеќе од 60 музеи и галерии во различни региони на нашата земја се уништени или оштетени од окупаторот. Од руска авијација е уништена црква во Херсонската област. Оваа црква стана една од стотиците цркви и молитвеници уништени од руските удари“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Според Зеленски, никој не може да се чувствува безбедно додека Русија не биде поразена и додаде дека војната мора да заврши со „нов Нуремберг“, мислејќи на судењето на нацистичките лидери по крајот на Втората светска војна. Повторно зборуваше за новите санкции насочени кон руската нуклеарна индустрија. Главниот руски дипломат ги критикуваше повиците на Западот до Украина, да започне разговори со Русија по долгонајавуваната контраофанзива.
„Сега постои една смешна теорија, да го обезбедиме успехот на украинската контраофанзива, а потоа ќе побараме од Украина на Зеленски да започне преговори. Тоа е шизофрена логика“, изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи, Лавров, во седиштето на ОН во Њујорк, рече дека напорите на генералниот секретар Гутереш, да се отстранат бариерите за извоз на руски ѓубрива и жито, не се доволни. Војната во Украина ќе биде главна тема на Самитот на Г-7, следниот месец во Хирошима, Јапонија. На Самитот ќе учествува и американскиот претседател Џо Бајден. На местото на првиот нуклеарен напад, некогаш извршен, Јапонскиот премиер Кишида очекува нуклеарното разоружување да биде една од главните теми на состанокот.
Маријана Димовска
