Подобрен е националниот опфат, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет
Вакцините се безбедни и ефикасни, а нивното одложување ги доведува децата во сериозен ризик од болести кои може да се спречат, тврдат лекарите. Додаваат – Ковид пандемијата имаше негативен ефект врз имунизацијата на децата, како на глобално ниво така и кај нас. Иако имаме подобрување во редовната имунизација, сепак не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет од 95 проценти. Заштитени заедно, редовните вакцини за деца делуваат – заедничка кампања на Министерството за здравство и УНИЦЕФ...

Има подобрување на националниот опфат кај редовната вакцинација на децата, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет – велат надлежните, откако Ковид пандемијата значително ја намали имунизацијата во земјава. Трендот се менува, сите вакцини што се примаат до 12 месеци, со исклучок на пневмококната и рота вакцината, достигнаа опфат од околу 84 проценти. Пораст има и кај МРП вакцината, со покриеност од 70 насто. Забележано е и значително зголемување на опфатот со ХПВ со над 50 проценти.
„Иако имаме подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, сакам да потенцирам дека сè уште не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет, утврден и со програмата за задолжителна имунизација – 95% на национално и 90% на локално ниво. Токму затоа продолжуваме интензивно да работиме на оваа тема“, изјави Маја Манолева, заменик-министер за здравство.
Редовните вакцини се безбедни и ефикасни, а одложувањето на имунизацијата ги доведува децата во сериозен ризик од болести кои можат да се спречат. Истражувањата покажале дека најчестата грижа на родителите
Е стравот од несакани ефекти.
„Вакцините се безбедни, она што нашите родители го направиле за нас сега апелирам до родителите да го направат за своите деца затоа што ние со нашата вакцинација бевме многу добро заштитени“, изјави Патриција Ди Џовани, претставник на канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава.
„Невакцинираните и нецелосно вакцинираните лица остануваат изложени на ризик од заболување со болести што може да се спречат како што се малите сипаници, дифтеријата и детската парализа“, изјави Горан Кочиноски, национален офицер за имунизација од канцеларијата на СЗО.
Здравствените власти и УНИЦЕФ, преку кампања теренски ќе ги информираат родителите за здравствените придобивки од навремената вакцинација на децата.
Андријана Ѓурческа
