Охрид: Не се потребни само планови, туку делување на терен
Дивоградбите во Охридскиот регион, управувањето со Езерото и Студенчишкото Блато беа во фокусот на денешните разговори помеѓу локалните власти на Охрид и Дебрца со претставниците на Бернската и Рамсарската конвенција, заедно со експерти на комисиите на УНЕСКО. Притоа беше речено дека градот и Езерото како културна и природна вредност во светски рамки мора да се сочуваат, а тоа е единствено возможно не само со носење планови или формирање комисии, туку со едно тело кое ќе делува на терен на целиот регион…

Охридското Езеро е меѓу илјада локации коишто се посебни на оваа планета и поради тоа грижата за ова езеро не е само на Охрид и Македонија, туку на целата меѓународна заедница, рече по средбата со претставниците на локалните самоуправи на Охрид и Дебрца, експертот за заштитени подрачја на Бернската конвенција, Андреј Совинц. Тој притоа посочи дека имаме најдобри планови на хартија кои не се имплементираат на терен, поради што треба да биде создадено тело кое ќе управува со целиот Охридски Регион, а не како досега постојано да се подготвуваат нови менаџмент планови или нови комисии кои ќе седат во канцеларии. Тој особен акцент стави на опасноста од исчезнување на Студенчишкото Блато.
„Блатото ќе исчезне за неколку години ако веднаш не се започне со некои мерки. Како прва мерка треба да се отстрани се она што го загадува, да се отстранат дивоградбите и задолжително да се поврзе со Езерото. На тој начин ќе се сочува живиот свет во блатниот систем, а особено птиците, а тоа е аргумент повеќе дека треба да се изгради нова марина, но не смее да се случи таа да биде изградена во Студечишкиот канал“, изјави Андреј Совинц, експерт за заштитени подрачја на Бернската Конвенција.
Охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков очекува по посетата на експертите општината да добие нови задачи и препораки, кои на следната средба во декември заеднички ќе се потврдат.
„Она што ние го имаме како план или веќе отпочнато и веќе завршено се задоволни од тоа што го слушнаа, така да побаравме помош за одредени проекти, работи за коишто неколку пати имам разговарано со медиумите. Генерално ја прифатија подадената рака и се надевам дека во наредниот период соработката ќе се продлабочи се со цел задржување на статусот на Охрид под УНЕСКО“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Што се однесува до дивоградбите беше речено дека тие не смеат да се случуваат во регион којшто е под заштита на УНЕСКО. Уште повеќе поради тоа што со членството во оваа организација државата дел од својата автономија ја пренесува на УНЕСКО Конвенцијата и не може некоја од локалните заедници да влијае врз тоа.
Сашо Нелоски
