Николоски пред ПССЕ: Македонците во Бугарија гледаат надеж во Стразбур за почитување на нивните права
Николоски во обраќањето посебно се осврна на случајот со Бугарија, која, како што рече, не ги почитува обврските како земја-членка на Советот на Европа.

Земјите-членки на Советот на Европа се повикуваат да ги почитуваат времените мерки на Европскиот суд за човекови права, во согласност со обврските што произлегуваат од член 34 од Конвенцијата.
На оваа тема говореше пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ кој е член на македонската парламентарна делегација во ПССЕ. Говорејќи за меѓусебната поврзаност на улогите на Европскиот суд за човекови права, националните уставни судови и Судот за правда на ЕУ, рече дека „човековите права во Европа не се тринасочна улица туку улица во еден правец“.
Николоски во обраќањето посебно се осврна на случајот со Бугарија, која, како што рече, не ги почитува обврските како земја-членка на Советот на Европа.
„Со години Бугарија одбива да ги спроведе пресудите на ЕСЧП. Има 16 пресуди на Судот коишто се однесуваат на Македонците во Бугарија, а кои не се спроведени. На Македонците им е забрането да го користат и да го учат нивниот мајчин јазик, им се забранува правото на здружување, како и учество на избори. Овие пресуди мора да се спроведат. Националниот устав и суд не можат да бидат над пресудите од Европскиот суд за човекови права“, рече Николоски.
Како што дознаваме од извори на ПССЕ, бугарските пратеници од редовите на групата на Европските народни партии остро протестирале пред претседателот на политичката група Александар Почиеј од Полска и до пратеникот Александар Николоски, лутејќи се за неговото вчерашно обраќање, односно дека тој зборувал во името на групата и притоа ја критикувал Бугарија за неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП, дека тоа наводно не е став на ЕНП.
Член на бугарската делегација, исто како и пратеникот Николоски ни го потврди овој настана на состанокот на политичката група.
Николоски за МРТ изјави:
„Вчера ја отворив темата за спроведување на пресудите на ЕСЧП, коишто се однесуваат на Македонците во Бугарија, и најмалку што очекував е да има конструктивна дебата, наспроти тоа бугарската делегација го покажа своето ниско ниво на комуникација и утрово почна да врши притисок врз претседателот на Европската Народна Партија, зошто сум зборувал во името на целата ЕНП. Јас сум долги години тука и сум потпретседател на ЕНП и секако дека имам право да зборувам во името на ЕНП. Со ова покажаа дека не само што ги игнорираат пресудите на ЕСЧП, туку го покажаа и своето дрско и некултурно однесување, на што се сведоци сите од Советот на Европа. И покажуваат кое ниско цивилизациско ниво го имаат. Советот на Европа мора да продолжи да прави притисок, затоа што правата на Македонците во Бугарија мора да се заштитат“, нагласи Николоски.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ
