Партиите во клинч за изградбата на коридорите
Изградбата на коридорите 8 и 10-Д ќе биде најмалку за една милијарда поскапа, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ. На брифингот со новинарите презентирани делови од договорот со Бехтел и Енка, добиен од свиркач. Премиерот Ковачевски, пак, истакна дека се подготвени договорот да го презентираат пред пратениците, веднаш штом Собранието ќе го побара тоа од нив...

Исклучително штетниот договор кој државата го склучи со Бехтел и Енка воопшто нема да чини милијарда и триста милиони евра како што тврдат властите туку ќе биде најмалку за една милијарда поскапа изградбата на делниците од коридорите 8 и 10-Д брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во опозициската партија презентираа делови од договорот добиен, како што велат од поткажувач и во него државата се обврзала во рок од 45 дена по потпишување на договорот да исплати на име аванс 50 милиони евра, а за подготовка на градежните работи 117 милиони евра. На сево ова се додаваат и пет милиони евра за менаџирање на работите, без да биде било што сработено на терен. За нереализирање на овие делови од договорот вклучувајќи ги измените во македонското законодавство месечно ќе се одлеваат од државната каса по неколку милиони евра, а доколку не се зголеми работното време на 60 часа неделно, Бехтел и Енка си го продолжиле рокот за изградба на најмалку 6 месеци без при тоа да биде наведен краен рок. Во договорот не се опфатени ниту сериозни ставки како чинењето на електрификација, осветлување на автопатите и тунелите и експропријацијата.
Во ВМРО – ДПМНЕ нагласуваат дека во договорот Бехтел и Енка за транспорт на површинскиот ископ и негов транспорт до три километри ќе наплатат 5,36 евра од метар кубен што е двојно поскапо од тоа што македонска фирма за иста работа ќе го наплати за друга делница и транспорт до 15 километри. Опозициската партија најавува дека преку брифинзи и во следниот период ќе обелодени делови од договорот во кои никаде не пишува дека е таен. Потенцираат дека овој договор е понуден и на претходните влади, но го одбиле како штетен. Во СДСМ коментираат дека Мицкоски непрекинато води хајка против стратешкиот проект за изградба на делниците од коридорите 8 и 10-Д, а дека знае само за спинови и лажни вести.
„Како функционира ВМРО-ДПМНЕ се гледа со автопатот Кичево – Охрид, синоним за криминал и корупција, за провизии од тендери на штета на државата и граѓаните. Без разлика на хистеријата што ја шират ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ние нема да дозволиме нови паушални, скандалозни постапки и процеси на градби кои траат 10 години како што тоа е автопатот Кичево – Охрид“, велат во владејачката СДСМ.
Миле Ристески
