Македонија

Работната група за уставни измени одржа конститутивна седница

26.04.2023 15:04

Прв состанок на работната група за уставни измени. Едногласно за претседател е избрана Маргарита Цаца Николовска, а за заменик Бајрам Положани. Се утврдува методологијата за работа, следува и широка јавна дебата. Премиерот Ковачевски очекува транспарентност во работата на комисија. Претседателот Пендаровски смета дека со внесување на Бугарите и други етнички заедници во Уставот, Македонија нема ништо да изгуби…

Прв состанок на работната група за уставни измени. На конститутивната седница од експертите, едногласно за претседател на работната група е избрана Маргарита Цаца Николовска, а за заменик Бајрам Положани. Министерот за правда Лога и неговата заменичка Аврамовска-Мадиќ им посакале успешна работа на членовите на работната група, со порака дека ова е историска шанса за остварување на нашата стратегиска цел, членството во ЕУ.

„Работната група ќе има за задача да ја подготви предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот. По изготвувањето, предлогот ќе биде доставен до Владата, која ќе треба да ја поднесе иницијативата во Собрание. Предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието“, соопштија од Министерството за правда.

Работната група има 23 членови од кои 10 се од редот на експертите, 10 се предлози на политички партии и тројца членови се од институции.

Шефот на државата смета дека со отворање на Уставот и внесување на Бугарите и други етнички заедници, Македонија нема ништо да изгуби. Премиерот Ковачевски вели дека постапката е според утврдената преговарачка рамка. Очекува транспарентност во работата на работната група.

Во неа се претставници само на партиите од мнозинството, опозицијата не партиципира. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека работната група е составена од кадри блиски до СДСМ и ДУИ, кои не се стручни во делот на Уставот и уставното право.

Бугарите од Македонија пак, со писмо до премиерот Ковачевски побараа да се вклучат и нивни претставници во работната група што треба да ги подготви уставните измени, бидејќи како што велат, и тие се засегнати од овие промени. Нивното барање доаѓа откако претходно Владата и претседателот Пендаровски го отфрлија предлогот на техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија Милков, официјална Софија да биде дел од процесот на расправа.

Барањето беше оценето како мешање во внатрешните работи на државата. За отворање на Уставот е неопходно во Собранието да гласаат најмалку 80 пратеници. Засега двотретинско мнозинство нема. Власта бара консензус во интерес на нашето членство во ЕУ, опозицијата со став-темата е затворена, овој парламентарен состав нема мандат за менување на Уставот.

Милчо Велески