Битола

Обдукцискиот наод за шестгодишната Јана доставен до Обвинителството

26.04.2023 15:15

Обдукцискиот наод за причините за смртта на 6-годишната Јана, извршен во битолската клиничка болница е доставен до надлежниот јавен обвинител. Наодот се разгледува во контекст на целокупната прибрана медицинска документација, по што ќе биде издадена наредба до Институтот за судска медицина...

Наодот од обдукцијата извршена на Клиничката болница во Битола во поглед на причините за смртта на малата Јана е доставен до јавен обвинител.

Основното јавно обвинителство - Битола го разгледува во контекст на целокупната прибрана медицинска документација, по што ќе биде издадена наредба до Институтот за судска медицина, врз основа на сите прибрани докази, да се произнесе околу евентуалната причинско – последична врска на медицинскиот третман, со причините за смртта, се вели во соопштението на ОЈО Битола.

Оттаму, посочуваат дека родителите на починатото девојче се повикани да дадат свој исказ во Јавното обвинителство.

Малата Јана почина на 22-ри март годинава, откако родителите ја однесоа на преглед на детското одделение во Битолската болница со симптоми на блага настинка. Тие се сомневаат во лекарска грешка, затоа што состојбата на Јана нагло се влошила додека примала инфузија со гликоза, по што шеќерот во крвта се покачи и девојчето западнало во кома и починала.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, како што тогаш соопшти, извршил вонреден инспекциски надзор во рамки на своите надлежности, при што не констатирал лекарски пропуст во третманот на Јана.

Игор Панов