МТСП

Тренчевска: 3.000 денари месечно за млади до 23 години кои работат во производство

26.04.2023 17:23

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска ја посети компанијата „Раде Кончар“која работи на сервис и поправка на електрични производи. Целта на посетата беше министерката да се сретне со млади лица кои работат во производство и лично да го промовира Законот за младински додаток...

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска ја посети компанијата „Раде Кончар“ која работи на сервис и поправка на електрични производи. Целта на посетата беше министерката да се сретне со млади лица кои работат во производство и лично да го промовира Законот за младински додаток. Преку овој закон на младите лица до 23 години кои се во производствена дејност им се исплаќа надоместок од државата од 3.000 денари месечно. Користењето на ова право прекинува со навршување на 23 години на младите лица. Со ова право во 2021 година биле опфатени вкупно 2.500 лица, додека во 2022 година бројката се зголемила на 3.500.

Тренчевска беше пречекана од страна на управничката на компанијата, Владанка Трајковска која ја информираше дека моментално во компанијата има вработени вкупно 5 млади лица до 29 години, додека 4 од нив се до 23 години. Едно од лицата веќе 3 години, односно од денот на вработување во „Раде Кончар“ го користи правото на младински додаток. Министерката за време на нејзината посета во погоните за работа разговараше со вработените кои не ја искористиле мерката за младински додаток и ги советуваше за чекорите до користење на надоместокот од 3.000 денари. Од страна на младите беше прифатен ваквиот пристап на информирање на министерката и беше покажан интерес за аплицирање и остварување на ова право.

Посетата на министерката беше заокружена со неформална средба со управителката, Трајковска каде беше разговарано и за обновливите извори на енергија. Управителката информираше дека за задоволување на потребите за електрична енергија на „Раде Кончар“ поставени се фотоволтаици на половина од површината на кровот. Беше изразена и заинтересираност за проширување на оваа инвестиција.