Собранието ги донесе измените на Законот за субвенциониран студентски оброк
Во Собранието на Македонија денеска беа изгласани законски измени со кои дневниот субвенциониран студентски оброк ќе изнесува 160 денари и ќе важи во деновите од понеделник до сабота и во денови на празници...

Во Собранието на Македонија денеска беа изгласани законски измени со кои дневниот субвенциониран студентски оброк ќе изнесува 160 денари и ќе важи во деновите од понеделник до сабота и во денови на празници. Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство Моника Зајкова, Санела Шкријел, Боби Мојсовски, Даниела Николовска и Жаклина Лазаревска. Законот беше усвоен со 70 гласа „за“ и ниту еден „воздржан“ или „против“.
Во расправата пред гласањето, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, ги спомена забелешките и од комисиската расправа околу овој закон, односно за картичкиот систем и за зголемување сумата.
Пратеничката од редовите на владејачката коалиција, Санела Шкријељ, во реплика рече дека не е точно дека еднаш имало објавено повик за ваков картичен систем. Таа потврди дека дневната сума се зголемува од 120 на 160 денари и дека таа ќе се усогласува со инфлациската стапка после секоја фискална година. Според неа, ова е начин за да нема честа расправија околу сумата толку често, туку таа да се одредува според стапката на инфлација.
