Дипломатското претставништво на Република Чешка: Уставните промени се услов без кој нема да може да се оди напред во преговорите
Чешките полицајци се дел од ФРОНТЕКС. Земјава е важна алка за Европската унија при справувањето со илегалната миграција. Во дипломатското претставништво на Чешката Република во земјава, најавена Регионалната конференција на амбасадорите од регионот...

Отворен е прозорец за евроинтеграција, но уставните промени се услов без кој нема да може да се оди напред во преговорите, порачаа дипломати од чешкото Министерство за надворешни работи коишто присуствуваат на регионална конференција на чешките амбасадори од регионот во Скопје.
„Уставните промени се клучен услов за натамошен прогрес и ако не се исполнат нема да има напредок во преговорите, затоа нагласуваме дека ова е важно. Знаеме дека има тешки дискусии и дека е чувствителна тема за јавноста, но важно е да ја продолжите интеграцијата во ЕУ“, изјави Јана Турер-заменик-директор за европски прашања на МНР на чешка.
На средбата со вицепремиерот за Европски прашања Маричиќ, чешките дипломати порачале дека освен позитивните резултати од реформите и скрининг процесот, се надеваат дека навреме ќе може да се донесе одлука за уставни промени.
„Ако успеете да направите уставни промени, Европската Унија ќе испорача, ќе продолжат преговорите. Сакаме Северна Македонија и Албанија да ги задржиме заедно како што почнаа преговори, така и да отвораат поглавја.“, изјави Мартин Кошатка-заменик генерален директор за јужна и југоисточна Европа во МНР на Чешка.
Потпишаниот договор со ФРОНТЕКС, е важен оти Македонија е клучна за справување со илегалната миграција, посочи чешкиот амбасадор.
„ФРОНТЕКС сега ја предводи операцијата со 100 полицајци. Чешка ќе биде дел од ФРОНТЕКС, бројките сè уште не се одредени, но сакаме да продолжиме со силно присуство овде оти сте важни за справување со миграцијата.“, рече Јарослав Лудва-чешки амбасадор.
Чешките амбасадори сакаат да ги подобрат односите меѓу Македонија и Бугарија и Косово и Србија за стабилизација на регионот и негова брза евроинтеграција.
Ирина Гелевска
