Струга

Експерти на УНЕСКО во посета и увид во Струга

27.04.2023 09:27

Експертите на Бернската, Рамсарската конвенција и УНЕСКО при денешната посета на струшкиот регион порачаа: И Струга мора да ги почитува препораките за заштита на природното и културното наследство. Според експертите бројот на дивоградби во струшко е голем, мора да сопре претераната урбанизација и да изнајде начин за развој на одржлив туризам. Сите добронамерни критики се добредојдени, рече градоначалникот Мерко, кој тврди дека локалната интензивно работи на зачувување на природното и културното наследство, но според него покрај заштитата мора да се овозможи и развој на туризмот...

Експертите на Бернската и Рамсарската конвенција и УНЕСКО порачаа: Струга да ги почитува препораките за заштита на природното и културното наследство

И Струга мора да го почитува препораките за зачувување на статусот на Охридскиот регион, како светско природно и културно наследство, порачаа експертите од Бернската и Рамсарската конвенција и УНЕСКО, кои денес беа во посета на струшкиот регион. Според нив бројот на дивоградби во струшко е голем, мора да сопре претераната урбанизација и да изнајде начин за развој на одржлив туризам.

Една од препораките за Струга, но и за целиот регион е да се направи тело, кое на терен ќе управува со светското наследство во регионот и ќе ги спроведува сите препораки од еминентните конвенции и УНЕСКО.

„Струга е дел од Охрид, тоа не е различно подрачје, така што ќе се обидеме да објасниме дека може да има развој, може да има туризам, само дека ќе мораме сите, значи и ние кои се занимаваме со тоа подрачјето да опстане како исклучителна природна и културно наследство, но и оние кои гледаат некаков напредок само во масовен туризам или градби ќе мора да изнајдеме заеднички компромис“, вели Андреј Шовинц, Бернска конвенција.

Сите добронамерни критики се добредојдени, вели градоначалникот Мерко, кој додава дека локалната интензивно работи на зачувување на природното и културното наследство. Првиот човек на Струга подвлекува дека покрај заштитата мора да се овозможи развој на туризмот.

„Секоја сугестија ќе ја прифатиме како да ја сочуваме природата, неминовно. Но, мора да го гледаме и другиот дел економскиот развој на градовите. Овие градови опстојуваат со туризам. Овие градови опстојуваат со користење на тие води на тоа езеро“, рече Рамиз Мерко,градоначалник на Струга.

Мерко вели во струшко нема загадување на Охридското Езеро, целото крајбрежје е покриено со колекторски систем освен од Елен камен до Радожда, но и тој проект наскоро ќе отпочне.

 

 

Соња Рилковска