Судскиот совет ќе избира нов претседател по разрешувањето на Дамева
По само пет месеци на функција, вчера беше разрешена Весна Дамева. На смената и претходеше жестока дебата за меѓучовечките односи. Дел од членовите ја обвинија дека намерно го криела писмото од американската амбасадорка Агелер. Дамева рече дека ова е анархија.

Членовите на Судскиот совет ќе избираат нов претседател. По само пет месеци на функција, вчера беше разрешена Весна Дамева. На смената и претходеше жестока дебата за меѓучовечките односи. Дел од членовите ја обвинија дека намерно го криела писмото од американската амбасадорка Агелер. Дамева рече дека ова е анархија.
„Ова веќе е анархија. Судскиот совет се впушти во анархија. Јас се плашам дека ова веќе се излезе од контрола“, изјави вчера Дамева.
Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека се направени низа нарушувања на Деловникот за работа на Судски совет од предлогот за ставање на точката на дневен ред, па сè до разрешувањето на Дамева.
Доколку дневниот ред не бил усвоен, тогаш воопшто не би можело да се премине кон дискусија по предложените точки и не би можело да биде додаден предлог за разрешување на претседателот на Советот, во рамки на дискусијата за меѓучовечките односи, стои во дописот.
Од коалицијата „Сите за правично судење“ потсетуваат дека престанок на мандатот на претседателот пред неговиот истек е можен само доколку постои престанок и на мандатот како член на Советот, односно сторена дисциплинска повреда, за што претходно мора да биде спроведена дисциплинска постапка, стои во реакцијата.
