Доњецк се отцепува од Украина
12.05.2014 10:26
Лидерите на проруските сили најавија формирање на сопствени државни органи и војска по референдумот, со што регионот и формално ќе се оддели од Украина...

Проруските сепаратисти прогласија победа на референдумот и отцепување на самопрогласената Доњецка Република. Денес треба да бидат објавени и конечните резултати.
„За – 89.7 проценти. Против - 10.19 проценти. Неважечки ливчиња – 0.74 проценти“, изјави Роман Љагин, шеф на изборната комисија во Доњецк.
Лидерите на проруските сили најавија формирање на сопствени државни органи и војска по референдумот, со што регионот и формално ќе се оддели од Украина. Референдумот помина со насилства во некои места. Во Мариупол еден човек загина во престрелка со украинската национална гарда, а во Красноармејск очевидци тврдат дека има двајца загинати или повредени. Проруските активисти истакнуваат дека во оваа област, каде што живеат 7 од вкупно 45 милиони жители на Украина, излезноста била над 70 проценти. Сепак, бидејќи референдумот не го следеа неутрални набљудувачи, немаше никаква медиумска поддршка, дури ни од Русија, а изборните листи беа непотполни, Западот не им верува на информациите од неговите организатори.
„Европските организации и меѓународните влади нема да го признаат, но преку референдумов сакавме сите да ја слушнат силата на народот“, додава Љагин.
Украина ќе биде главната тема на состанокот на шефовите на дипломатиите на Европската Унија. Експертите не очекуваат радикални потези, особено со оглед на тоа што официјален Париз ја исклучува можноста за војна со Русија поради Украина. Москва очекува да го слушне мислењето на претседателот Путин, кој претходно им порача на федералистите да го одложат референдумот.
Ивана Салтировска
