Брисел го поздрави телефонскиот разговор меѓу Џинпинг и Зеленски
Нема победници во нуклеарните војни, велат од кинеското МНР по телефонскиот разговор Си-Зеленски. Пекинг најави дека сака да биде посредник и да ги олесни разговорите за мир. Вашингтон и Брисел го поздравија разговорот...

Дијалогот и преговорите се единствениот остварлив пат напред. Нема победници во нуклеарните војни, велат од кинеското МНР по телефонскиот разговор Си-Зеленски. Во услови на жестоки битки на фронтот во Бахмут и руските гранатирања во Миколаев, Пекинг најави дека сака да биде посредник и да ги олесни разговорите за мир.
„Кина ќе испрати специјален претставник на кинеската влада за евроазиски прашања во Украина и другите земји за да има длабинска комуникација со сите страни за политичкото решавање на украинската криза“, изјави Мао Нинг, портпарол на МНР на Кина.
Има можност да се даде нова енергија на односите меѓу Киев и Пекинг, вели украинскиот претседател Зеленски по телефонскиот разговор со кинескиот лидер Си Џинпинг.
„Значаен дел од разговорот беа нашите ставови за враќањето на праведниот мир. Ја претставив украинската формула за мир и нејзините специфични точки. Се договоривме да продолжиме со комуникацијата“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Вашингтон и Брисел го поздравија разговорот. Важно е Кина подобро да ја разбере украинската позиција, вели генералниот секретар на НАТО, истакнувајќи дека Пекинг сè уште не го осудил рускиот напад врз Украина.
„Секоја шанса за преговори бара Украина да ја има потребната воена помош за да испрати порака до рускиот претседател Путин дека нема да победи на бојното поле. Решението може да се најде на преговарачка маса, но важно е она што се случува на фронтот“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
„Ова се чекаше, тоа е многу добра вест. Секоја значајна иницијатива за праведна, мирна Украина е многу добредојдена. Украинскиот народ, кој е погоден од војната, е тој што најмногу сака мир“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Од Кремљ велат дека се подготвени за сè што може да го забрза крајот на конфликтот во Украина и постигнувањето на руските цели.
„Подготвени сме да поздравиме сè што може да го забрза крајот на конфликтот во Украина и постигнувањето на целите на Русија. Што се однесува до самиот факт на комуникација, ова е суверена работа на секоја од овие земји и прашањата на нивниот билатерален дијалог“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во меѓувреме, „Јаху Вести“ доби доверливи документи од Кремљ кои ги откриваат плановите на Русија да го прошири влијанието во балтичките држави и намерата на Москва да ја спречи изградбата на воените бази на НАТО, да ги ослабне локалните демократски влади и да ги зајакне политичките организации кои се залагаат за Кремљ.
Маријана Димовска
