Се чисти и заштитува споменикот на револуцијата на штипски Исар
Спомениците во Штип често се мета на вандализам. Штипскиот музеј започна со чистење и заштита на спомениците од Меморијалниот комплекс на тврдината Исар, а ќе продолжи со заштита и на останатите споменици во градот...

Стручна екипа од штипскиот Музеј со помош на колеги конзерватори на камен, од Музејот на Македонија, ги чистат и заштитуваат спомениците од Меморијалниот комплекс на Исарот во Штип, кои се распоредени на 600 метри квадратни. Се работи на 107 делови изработени од прилепски мермер, од кои најоштетен е централниот и најголем споменик, каде се изрезбани стихови од Ацо Шопов.
Заштитата на комплексот споменици на Исарот чини 350 илјади денари, од Министерството за култура. Надлежните со апел, да не се уништуваат спомениците, но и со најава за ригорозни казни за сторителите.
Меморијалниот комплекс на Исарот е поставен во 1974-та година и посветен е на загинатите партизани во НОБ. Автор е Богдан Богдановиќ.
Споменикот на револуцијата, се цени како бисер на македонската монументална уметност.
Славица Величковска
