Стив Ваи: Скромен гениј

Концертот на Стив Ваи му беше потребен на Скопје

27.04.2023 13:35

На 62 годишна возраст, 43 годишна кариера, 10 студиски албуми, 10 Греми номинации и 3 Греми награди и други музички успеси коишто не се добројуваат, Стив Ваи безрезервно и се посвети на публиката во Скопје и приреди концерт за паметење...

Планетарно признаениот гитарски суперхерој Стив Ваи вчеравечер одржа концерт во малата сала во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје.

На 62 годишна возраст, 43 годишна кариера, 10 студиски албуми, 10 Греми номинации и 3 Греми награди и други музички успеси коишто не се добројуваат, Стив Ваи безрезервно и се посвети на публиката во Скопје и приреди концерт за паметење.

Во зум разговорот за МТВ, Стив Ваи нагласи дека при формирање на репертоарот секогаш внимава на тоа да ги застапи темите од најновиот материјал што во случајов е албумот Inviolate, да изведе песни коишто речиси никогаш не ги свири на концерти, но и да ги изведе композициите коишто со сигурност знае дека публиката сака да ги чуе. Вчеравечер, Ваи го одржа зборот и покрај темите од албумот Inviolate, ја потсети публиката на „Tender Surrender“ и „Bad Hoarsie“ од култното ЕП „Alien Love Secrets“ од 1995 година, но и „Liberty“ од албумот „Passion and Warfare“ од 1990 година. Вечерта кулминираше со „For the Love of God“ од истиот албум. Публиката беше максимално вклучена во изведбата пеејќи го носечкиот мотив на темата и обидувајќи се да го следи маестро Ваи во солирањето.

Стив Ваи важи за револуционер во гитарскиот свет, но не само како инструменталист, туку важи и за пронаоѓач и основоположник на нови техники на свирење гитара. Неговиот последен изум – гитарата Хидра – целосно ги руши границите на инструментот и изискува нов начин на свирење и општа координација за еден гитарист. Гитарата има три вратови на коишто се поставени една седумжичана гитара, една дванаесетжичана гитара и бас гитара, дел од вратовите е без прагови, но тоа не е сè! Во телото на Хидрата има инкорпорирано и 13 жици од харфа и бројни технички музички опции со цел побогат звук и варијации на тема. Ова чудо од гитара беше претставено и пред публиката во Скопје којашто истата ја дочека со еуфорија и воодушевување, но и со доза на искрена збунетост со оглед комплексноста на инструментот. Во секој случај, за гитарскиот великан Хидрата не делуваше нималку комплексна бидејќи со леснотија ја изведе „Тhe Teeth of the Hydra“ – песна од последниот албум Inviolate посветена на карактеристичниот инструмент.

Во однос на прецизноста во изведбата, беше очекувано да чуеме беспрекорен звук и натчовечки свирачки техники, како од главниот играч Ваи, така и од бендот во придружба, но она што остави најсилен впечаток за македонската јавност беше приземноста на Стив Ваи, отворената комуникација и искреност, како со публиката, така и со медиумите и едноставноста во изразот и хуморот на сцената – сето ова при изведба на вонземски музички парчиња и двочасовен концерт. Ова е доказ дека Стив Ваи е редок човечки примерок – скромен гениј, а овој гениј во интервјуто за МТВ генијалноста ја дефинира како едноставно искрен креативен порив со што ја потврдува својата скромност уште еднаш.

За крај, концертот на Стив Ваи му беше потребен на Скопје за да ја почувствуваме магијата на музиката во живо за којашто гитаристот вели дека е „човеково право“, за да се обединат повторно субкултирите коишто вистински ја ценат квалитетната музика, да се едуцираат и култивираат младите и да се изложат на музички настан вон кутијата.

Јана Бурческа