Македонија

Лавина реакции за разрешувањето на Дамева

27.04.2023 14:25

Дамева обвини за закани и притисоци, седницата за избор на нејзин наследник одложена, правници предупредија дека разрешувањето било во спротивност со законот и деловникот. Министерството за правда загрижено, претседателот предупреди на дополнително уривање на кредибилитетот...

Ниту во законот, ниту во деловникот за работа не е предвидено разрешување претседател на судски совет-оценуваат од коалицијата „За правично судење“. За да и биде одземена функцијата на Весна Дамева првин требало да биде разрешена од член на советот, но за тоа треба да е покрената дисциплинска постапка. Одлуката за разрешување се носи со мнозинство гласови, што според коалицијата, не беше случај.

„Значи тоа е еден процес што трае многу подолго од самото разрешување како точка на седницата на Судскиот совет, дополнително што ова не беше ставено како точка на разгледување на дневниот ред, туку произлезе како заклучок што досегашната пракса на Судскиот совет не била таква“, рече Ивана Петковска, коалиција „За правично судење“.

Разрешувањето на Дамева за ВМРО-ДПМНЕ е реприза на случувањата од 27-ми април пред шест години во Собранието. За БЕСА пак, целта е одбрана на одредени криминални структури.

„Му се презема столчето на Трајако Вељаноски, си ја презедоа неговата улога си ја продолжија седницата и еве ние до ден денес така функционираме, насилно. Ама кога насилството ќе го осетат на својот грб овие денес што се на власт тогаш реагираат. Затоа немаме никакво сочувство за нив. Туку кажав кармата е кучка“, вели Дафина Стојановска, ВМРО – ДПМНЕ.

„Се гледаше дека не е во согласност со одредбите како функционира оваа институција, секако дека беше во функција да се бранат криминални структури, судии кои длабоко се во служба на политиката, длабоко се во служба на криминални структури во општеството“, рече Фадил Зендели, од БЕСА.

Од партијата на власт контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет го оценија негативно, но правеле се, граѓаните да се чувствуваат европски.

„Ние правиме се во овие изминати години колку што ја практицираме извршната власт да може и во пракса граѓаните да осетат што значи европски манири, европски навики, европско однесување. Лично, како Мартин Костовски можам да го оценам негативно таквото однесување во Републичкиот судски совет, меѓутоа за подетални информации ќе мора да прашате во ова независно судско тело односно орган“, вели Мартин Костовски, од СДСМ.

И антикорупциска изрази загриженост за случувањата во Судскиот совет. Очекува соодветна реакција од надлежните државни институции.

 

 

Андријана Ѓурческа