Протестен концерт на Синдикатот на Филхармонија
Музиката е нашето оружје – протестен концерт на вработените во Филхармонија пред Министерството за култура. Побараа надлежните да ја променат одлуката, просториите да ги делат со новоформираниот национален џез-оркестар...

„Ќе протестираме преку нашите инструменти, но, протестите ќе се интензивираат“. Вработените во Филхармонија се собраа пред Министерството за култура. Побараа министерката Костадиновска – Стојчевска да отстапи од одлуката за времено сместување на новоформираниот национален Џез-оркестар во просториите на Филхармонија. Велат, неправедно се ставени во ситуација да се бранат од оние кои треба да ја штитат нивната институција.
Според Синдикатот на културните работници, вработените во Националната филхармонија и Џез-оркестарот, како и сите други културни работници заслужуваат професионален пристап, достојни услови за работа и соодветна анализа на нивните потреби. Го повикуваме Министерството за култура да ја разреши ситуацијата - рекоа од Синдикатот.
Од Министерството убедуваат дека работат интензивно за да се изнајде решение.
„Веруваме дека на филхармоничарите, кога ќе го слушнат решението, ќе им биде јасно дека со одлуката за привремено останување на џез-музичарите во Филхармонијата до правното регулирање на нивната национална установа никој немал никаква заднинска намера“, велат од Министерството.
Александра Спировска
