Собрание

Договорот за коридорите во фокус на седница за пратенички прашања

27.04.2023 14:31

Договорот за коридорите со „Бехтел и Енка“ – главна тема на пратеничките прашања. Опозицијата обвини, власта прифатила одредби кои Уставниот суд веќе ги укинал. Премиерот Ковачевски уверува – ништо не се крие, стратешкиот проект ќе донесе рамномерен економски развој. Сè уште неизвесно кога пратениците со безбедносен сертификат ќе имаат увид во документот…

Тајноста на договорот, казнените пенали доколку не се реализираат ставки од договорот во предвидените рокови, последиците врз државата, како и измените во законите поврзани со договорот-сосема очекувано дел од пратеничките прашања. Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ побара објаснување од премиерот за измените на Законот за експропријација кој предвидува изедначување на обештетувањето на легалните и дивите градби кои се на трасата на коридорите.

Премиерот Ковачевски посочи дека договорот не е таен и истиот ќе им биде доставен на увид на пратениците кои поседуваат безбедносни сертификати. Деловна тајна е само делот од технолошкиот процес-потенцираше Ковачевски и истакна дека пенали нема да има, токму во таа насока и законските решенија со кои се овозможува забрзување и поедноставување на процесот и на изградбата, вели премиерот.

Опозицијата со прашање и до министерката за труд и социјална политика за ЗРО, како ќе се заштитат работничките права, кога работната сила потребна за изградба на коридорите ќе се увезува и ќе се наплаќа со народни пари. Тренчевска со одговор-договорот со „Бехтел и Енка“ не ги загрозува работничките права.

Владата достави допис за поднесување на договорот до Собранието-потврди спикерот Џафери, но нема да можат да го видат сите пратеници како што бараше ВМРО-ДПМНЕ, туку оние кои имаат безбедносен сертификат. Сè уште се координираат која комисија ќе го разгледува договорот на „Бехтел и Енка“. Претседателот на Собранието Џафери рече дека нема потреба, ниту пак сака да учествува во работата на таа комисија.

Марина Стојанова-Тонева