Одложена седницата за избор на претседател на Судскиот совет
Изборот на нов претседател на Судскиот совет ќе почека по празникот. Со осум гласа „за“, седницата одложена за 2-ри мај. Атмосферата и денеска тензична...

Два часа им требаше на членовите на Судскиот совет да се соберат и да ја одложат седницата. По бурниот состанок, со четиричасовни расправии и тензии на кој беше разрешена досегашната претседателка Весна Дамева, овојпат експресна одлука – нејзиниот наследник да се бира на 2-ри мај – кога, заменикот претседател Адеми, очекува да се соберат сите членови на Советот. Дамева со оценка: Адеми не ги заштитил членовите од уцени и притисоци.
Адеми побара од неа да објасни дали тој и вршел притисок.
За настаните во Советот – загриженост и во Министерството за правда. Оттаму по побараа записникот од седницата и оценија дека она што се случува во голема мера ќе влијае на натамошната доверба во судството.
Претседателот Пендаровски предупреди дека она што се случува не му доликува на телото кое има одговорна улога – да избира и разрешува судии и е клучен фактор за довербата на граѓаните во ресорот.
„Со вакви постапки, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем“, стои во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
За разрешувањето на Дамева гласаа седуммина членови на Советот, а петмина беа против.
Анита Димитријевска Велковска
