Тетово

Косовската претседателка во посета на Тетово

27.04.2023 15:11

Тетово и Косово имаат многу заедничка историја и плодна и братска соработка, порача претседателката на Косово Вјоса Османи при денешната средба со тетовскиот градоначалник Билал Касами. Општина Тетово пак косовската делегација ја пречека само на Албански јазик. Со реакции излегоа од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ...

Касами на Османи и подари плакета со клуч на градот, симболизирајќи го како што рече пријателството на градот под Шара со Косово, кои како што и двајцата посочија имаат многу заедничка историја и плодна и братска соработка.

„И денеска нашите врски се нераскинливи. Многу млади од овој град, студирале и студираат на нашите универзитети и обратно. Мојата посета во РСМ е уште еден доказ за придонесот што Албанците го дале за државотворноста на РСМ и за евроинтеграциите, за нашата соработка и пријателски односи меѓу двете држави, кои сигурна сум дека ќе се продлабочуваат во иднина, рече Османи

„Косово и Македонија имаат историски блиски односи и порано во рамки на поранешна Југославија. Но, и сега се држави во Балканот кои немаат никакви проблеми меѓу себе и се пример како треба да се негуваат односите меѓу двете држави. Тетово како еден од главните градови после Скопје каде мнозинство на граѓаните се Албанци е мостот на соработката меѓу Македонија и Косово, рече Касами.

Османи пред влезот, но и низ самиот градот, беше „пречекана“ со билборди само на албански јазик, а за нејзиниот говор немаше официјален превод на Македонски јазик.

Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ излегоа со реакции за посетата на претседателката на Косово.

„Остро се спротивставуваме на злоупотребувањето на Уставот и законите на Република Македонија и цениме дека е недозволиво девалвирањето на употребата на Македонскиот јазик како единствен службен јазик како и државното знаме, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак го повикаа градоначалникот да се откаже од купување на ситни политички поени преку националистички постапки.

„Го потсетуваме дека општина Тетово не е негова своина туку им припаѓа на сите“, додадоа од партијата.

За време на посетата на Османи, Тетово беше невообичаено чист со развиорени албански знамиња, а сообраќајниот хаос барем за миг исчезна.

 

 

 

Зоран Димовски