Ковачевски: Рекордни 26 милиони евра денеска се исплатија за субвенции за тутун
„Денеска се исплатени субвенциите за тутунот од реколтата за 2022 година. Вкупно се исплатени над 26,3 милиони евра на сметките на речиси 16.000 тутунопроизводители. Ова е вест што треба да ја слушнат сите тутунопроизводители“, порача премиерот Ковачевски, од седницата за пратенички прашања, денеска во Собранието на Република Северна Македонија...

„Денеска се исплатени субвенциите за тутунот од реколтата за 2022 година. Вкупно се исплатени над 26,3 милиони евра на сметките на речиси 16.000 тутунопроизводители. Ова е вест што треба да ја слушнат сите тутунопроизводители“, порача премиерот Ковачевски, од седницата за пратенички прашања, денеска во Собранието на Република Северна Македонија.
„Ова е наша стратешка култура, тоа се вредни луѓе пред сè од прилепскиот регион, меѓутоа и од другите региони каде што се произведува тутунот и треба да знаат сите граѓаните дека во услови на најголема криза, државата обезбеди, прво, највисока рекордна цена на тутунот и второ дополнителна субвенција, со што оваа година имаме рекордни резултати во производството на тутун. Ова се пари, кои значат директна поддршка за тутунопроизводителите, пари кои ќе можат да ги реинвестираат и се најголемата исплата на пари за тутун досега“, рече премиерот.
Откупот на тутунот, како што рече премиерот, стартуваше со повисока просечна откупна цена од скоро 30%, споредено со претходната 2021 година. Според податоците од инспекторатот, од реколта 2022 година се откупени вкупно 20.880 тони суров тутун во лист со просечна откупна цена од 288,10 ден/кг, што претставува зголемување за 45% во однос на реколта 2021 година. Повисоката откупна цена на тутунот од реколта 2022 година е резултат на повисокиот квалитет на тутунот во однос на реколта 2021 година, затоа што со новиот модел на субвенции за тутунот, ги мотивиравме тутунопроизводителите да произведуваат поквалитетен тутун, за да постигнат повисока откупна цена.
И тука ќе им одговорам на пратениците од опозицијата коишто поставуваа прашања за нашиот министер за транспорт и врски, во нивно време министерот одеше по прилепско по откупни центри и кажуваше на кој тутунар која класа му е тутунот, ако е од ВМРО-ДПМНЕ пиши прва класа, ако не е од ВМРО-ДПМНЕ втора и трета класа, така беше во нивно време и затоа откупните цени беа ниски, затоа субвенциите доцнеа и затоа имаше помало производство на тутун.
За прв пат оваа Влада донесе нов модел за зголемени субвенции за тутунот според којшто субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи. Овој модел беше мотивација за тутунарите да произведат повеќе и поквалитетен тутун, за да остварат повисока субвенција, но и повисока откупна цена“, посочи премиерот Ковачевски.
Паралелно со новиот модел за субвенции, како што посочи премиерот Ковачевски, се донесе и нов Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, со којшто се решија сите отворени прашања што го оптоваруваа производството и откупот на тутун.
