Расте бројот на компании во индустриската зона во Кочани
Се зголемува бројот на странски фирми кои градат фабрики во индустриската зона во кочани. Покрај две холандски компании кои веќе работат на терен, свој погон ќе дигне и американскиот производител на автомобилски делови „Амфенол“...

Три странски комапании градат фабрики во Индустриската зона во Кочани. Во тек се градежни активности за изградба на погони на две холандски компании за производство на цвеќе, а наскоро со градба ќе почне и американската компанија за производство на автомобилски делови, Амфенол, која во моментов работи во малата индустриска зона:
„Проширувањето е предвидено за оваа година, ќе почнеме со проширување на постојната зграда, а потоа ќе градиме и нова, која треба да биде спремна на почетокот на наредната година. Тоа би биле дополнителни 5.000 м/2“, изјави Сашко Наков, бренд манаџер на „Амфенол“.
„Амфенол“ во Кочани е присутна веќе шест месеци.
„Ова е еден позитивен пример во последните 25 години. Добивме една странска компанија која доаѓа во Кочани, сериозен инвеститор, кој ќе помогне во најгорливиот проблем – невработеноста“, вели Ратко Димитровски, градоначалник на Кочани.
Во „Амфенол“ работат 114 лица, а крајната цел на компанијата е бројот на вработени да се заокружи на 1.500.
„Критериумите за вработување во странска фирма се построги, но има многу можности за напредување. Почнав со работа од машина, а сега сум контролор“, изјави Александра Стоичева, контролор во „Амфенол“.
По „Џонсон Контролс“ во Штип, „Амфенол“ е втората американска компанија која отвора свој погон во овој регион. Во моментов, двете фирми заедно вработуваат околу 600 работници, а плановите се во наредните 4-5 години, нивниот број да порасне на околу 4.000.
Оливера Жежова
