Македонија

Ковачевски: Судовите се независна власт, ако некој им се мешал во работата ќе треба да пријават низ соодветна процедура

28.04.2023 12:42

Премиерот и претседател на СДСМ Ковачевски вели дека правосудните органи треба да бидат на ниво на кое ќе си ја извршуваат работата и нема да имаат никакво политичко влијание. Ако, пак некој им се мешал во работата, тоа да го пријават низ соодветна процедура...

Правосудните органи треба да бидат на ниво на кое ќе си ја извршуваат работата и нема да имаат никакво политичко влијание. Ако, пак некој им се мешал во работата, тоа да го пријават низ соодветна процедура, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, прашан за разрешувањето на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, по увидот на градежните активности на патот Ранковце- Крива Паланка.

Јас од првиот ден кога станав претседател на Владата кажав дека ниту јас како претседател, ниту кој било министер, не се меша во работата на Судскиот Совет или на Советот на обвинители и тоа можеше да се потврди низ директен пренос, каде сите граѓани можеа да видат што се случуваше на Судскиот Совет. Она што останува е правосудните органи на ниво кое што е потребно да ја извршуваат својата работа и да немаат никакво политичко влијание, рече Ковачевски.

Тој напомена дека лично немал ниту еден состанок со претседател на суд, а како што рече, ако некој им се мешал во работата, тоа ќе треба самите да го пријават низ соодветна процедура.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева беше разрешена во средата на предлог на заменикот Селим Адеми. Според невладините организации и експертите, разрешувањето на Дамева е незаконско и спротивно на процедурите и Деловникот.