УКРАИНА

Руски ракетен напад на Украина, Киев нападнат првпат по 51 ден

28.04.2023 12:45

Загинати и повредени во руски ракетни напади во неколку украински градови. И Киев погоден, првпат по 50-тина дена. Напади во време на подготовка на украинските сили да извршат контраофанзива со нови модерни оружја од Западот...

Дестици загинати во руските ракетни напади на Украина, Киев нападнат првпат по 51 ден. Загинати цивили откако била погодена деветкатница во градот Уман. 17 биле повредени.

„Еден од проектилите погодил станбена деветкатница. Во оваа зграда практично е уништен првиот влез. Според првичните податоци, во овој влез живееле 109 лица, има 46 станови од кои 27 се целосно уништени“, изјави Ихор Клименко, министер за внатрешни работи на Украина.

Експлозии се регистрирани и во Кременчук, Миколаив и Полтава, а од 23 проектили испукани кон Киев, 21 бил соборен. Нападот следува додека украинските сили се подготвуваат за пролетна противофанзива со помош на добиените нови модерни оружја од Западот.

Најголем дел од борбите се водат на исток за контрола на Донбас, особено кај градот Бахмут, кој е речиси целосно уништен.

Украинскиот претседател Зеленски рече дека Русија се приближува до неуспех и казна по последните напади врз Украина. Истакна дека рускиот терор ќе мора да добие фер одговор од Украина и светот. Ја пофали резолуцијата на парламентарното собрание на Советот на Европа за руската депортација на украинските деца.

„Усвоена е резолуција со која се признава дека руската депортација на украинските деца носи знаци на геноцид. Ова е прво признавање на таков факт на нивото на толку висока меѓународна организација која ги обединува државите на нашиот континент. Одлуката значително ќе ни помогне да ги изведеме Русија и нејзините функционери пред лицето на правдата за геноцид и геноцидна политика против Украина“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Рускиот министер за одбрана Шојгу рече дека вистинската цел на западните сојузници во Украина е да и нанесат стратешки пораз на Русија. Изјави и дека Москва ја зголемува борбената готовност на своите воени бази во Централна Азија. Рече дека САД и нивните сојузници се обидуваат да воспостават воена инфраструктура низ целиот регион.

 

Марина Ристова