Македонија

Не стивнуваат реакциите за случувањата во Судскиот совет

28.04.2023 14:11

На случувањата во Судскиот совет реагираше претседателката на Врховниот суд. Порача сите чинители во судството да го насочат дејствувањето кон остварување на препораките нотирани во извештаите за напредокот на земјата. Евроамбасадорот Гир потсети, почитувањето на владеењето на правото е суштествено прашање на евроинтегративниот пат на земјата. Се огласија и од политичките партии…

Во интерес на граѓаните и на државата е да се надмине состојбата во Судскиот совет. По разрешувањето на Весна Дамева се огласи и Врховниот суд. Бараат сите чинители во судството да останат фокусирани на имплементација на препораките од извештаите на Европската комисија и Стејт департментот.

„Го охрабруваме Судскиот совет да ја надмине состојбата првенствено во интерес на граѓаните и во таа насока да продолжат напорите за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудството, потребните законски измени и примената на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба.“ – пишува во соопштението од Врховниот суд.

Евроамбасадорот Гир потсети дека почитувањето на владеењето на правото е фундаментално и суштествено прашање на евроинтегративниот пат на земјата, а тоа подразбира независно и професионално судство.

Премиерот Ковачевски тврди дека никогаш не се мешал во работата на судскиот совет, а ако тоа некој го правел, ги охрабрува членовите на Советот да го пријават случајот.

Лидерот на опозицијата Мицкоски, случувањата во Советот ги оцени како срамни кои и нанесуваат штета на државата и оставаат лош впечаток кај меѓународните партнери.

За смена на Дамева од челната позиција на судскиот совет гласаа 7-мина членови на Советот, а петмина беа против. Дел од експертската јавност оцени дека разрешувањето е незаконско.

Анита Димитријевска Велковска