Тетово

22 години од масакрот кај Вејце

28.04.2023 14:29

Одбележани 22-годишнината од масакрот кај шарпланинската месност Бреза, во близина на тетовското село Вејце. Осум припадници на безбедносните служби во воениот конфликт во 2001-ва година ги загубија животите, откако во заседа беа нападнати, а нивните тела масакрирани и запалени на планинскиот пат…

Бранителите и на 22-годишнината од масакрот кај тетовско Вејце, сами си поставија скромно спомен обележје, на кое им оддадоа почит на нивните колеги. Четворица водници од специјалната единица Волци и четворица припадници на полицијата патролирајќи со возила, беа нападнати токму на овој планински пат, кој ги поврзува шарпланинските села Селце и Вејце.

Бранителите и по повеќе две децении се надеваат на правда и казна за злосторниците.

Пред спомен плочата се поклонија бројни делегации, здруженија, претставници на полицијата, армијата и политички партии.

Претходно местото го посети и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа објави дека поднела иницијатива, Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје за загинатите припадници на безбедносните сили кај Вејце. Но, мнозинството советници попладнево гласаа воздржано за иницијативата, „за“ дигнаа рака само советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Инаку масакрот кај Вејце е дел од хашкиот предмет Водството на ОНА, кој беше вратен во македонското судство. Но, во 2011 година, Собранието го усвои автентичното толкување на Законот за амнестија, кој се однесува за сторителите на кривични дел поврзани со воениот конфликт од 2001-ва година.

Во масакрот имаше и шестмина повредени. При нападот тие биле во последното возило од колоната. Успеале да се извлечат и да побараат помош од безбедносните служби.

Зоран Димовски