Меѓународен ден за заштита при работа

Од повреда на работно место лани загинале 22 лица

28.04.2023 14:41

Од повреда на работно место лани загинале 22 лица . Ако биде продолжена работната недела, ќе има уште повеќе, реагира Македонското здружение за заштита при работа. Министерката Тренчевска тврди дека работниците ќе бидат заштитени, законот дефинира само прекувремена работа...

Никој официјално во државава не регистрира повреди при работа. Но, затоа Македонското здружение за заштита при работа, лани регистрирало 167 повреди и 22 смртни случаи, од кои најмногу во Скопје, Битола и Прилеп, најчесто при извршување на земјоделски работи, во градежништвото и во преработувачката индустрија. Најфатален месец со смрт на работници, лани, бил јули со шестмина загинати. Доколку биде продолжена работната недела на 60 часа, ќе има уште повеќе, предупредуваат од Здружението.

Министерката Тренчевска тврди дека не станува збор за 60-часовна недела, туку прекувремена работа, што ќе им се плаќа на работниците кои ќе ги градат коридорите 8 и 10-д и коишто ќе работат со соодветна заштита.

Работниците мора да имаат право на безбедна работа, тоа е нивно фундаментално право, велат од Меѓународните синдикати и асоцијации за труд укажувајќи на недостатоците за условите во кои работат македонските работници. Побараа Владата да ги подобри законите.

„Зголемувањето на работната недела е неприфатливо и спротивно на меѓународните стандарди за работа. Ова е приватен интерес, а не за подобрување на условите на работниците. Со ова Владата ќе создаде дополнителен ризик за повреди кај работниците“, изјави Антон Лепик, од Паневропскиот совет на европскиот синдикат.

„Уште еднаш сакаме да нагласиме дека во Македонија, која е дел од Меѓународната асоцијација за труд, треба да се обезбеди квалитетна примена на меѓународните стандарди за работа, во националните закони и во пракса. Инспекцијата на условите за работа мора да се унапреди, да се обезбеди подобра опрема и обучен персонал“, изјави Ѓуџак Александриу од Меѓународната асоцијација за труд.

За сите македонски работници коишто загинале или се повредиле на работното место, на Меѓународниот ден за заштита при работа им беше одадена почит со засадување дрвја во скопски Аеродром.

Ирина Гелевска