Самит

Грковска на ЕСГ Самитот на Западен Балкан

28.04.2023 16:31

Вицепремиерката Грковска ја отвори панел дискусијата посветена на родовата еднаквост, диверзитетот и женското лидерство, во чии рамки се промовира и новата регионална иницијатива за унапредување на родовата еднаквост во процесите на носење одлуки „Adria Women on Boards“...

„Иднината во која жените се вклучени во сите општествени процеси во иста мера и со исто влијание како мажите, иднината во која жените целосно ги уживаат своите права, но и го преземаат својот дел од одговорноста во градењето на нашите општества, економии и животи, не смее да биде далечна проекција, туку треба да се испорача од нашата генерација“, истакна заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во онлајн обраќањето на ЕСГ Самитот на Западен Балкан.

Таа истакна дека за разлика од развиените земји кои го решија ова прашање, во нашиот регион сè уште се соочуваме со различни бариери, кои се вкоренети во стереотипите за жената и традиционалните погледи за нејзината улога во семејството и општеството, што претставува огромно ограничување за развојот. Самитот, кој деновиве се одржува во Тиват, Црна Гора, е посветен на теми од животната средина, одржливиот развој и одговорното управување (ЕСГ), со учество на регионални и глобални владини и деловни лидери и експерти.

Вицепремиерката Грковска ја отвори панел дискусијата посветена на родовата еднаквост, диверзитетот и женското лидерство, во чии рамки се промовира и новата регионална иницијатива за унапредување на родовата еднаквост во процесите на носење одлуки „Adria Women on Boards“. Поздравувајќи ја оваа иницијатива, таа порача дека паралелно со остварувањето на основната цел за поголемо учество на жените во процесите на донесување одлуки во светот на бизнисот, треба да се истакнува важноста на женскиот пристап во справувањето со останатите колективни предизвици и во подобрувањето на животот на сите граѓани од регионот.