Охрид

Законот за туристичка дејност штетен за агенциите и туристичките водичи

29.04.2023 11:45

Во изминатите три децении законот за туристичка дејност најверојатно има претрпено најмногу измени. Но, наместо измените да овозможат развој на целата туристичка индустрија според експертите и сопствениците на туристички агенции тој негативно влијае врз работата на агенциите и туристичките водичи. Според нив некои решенија придонеле да се создаде сива зона при што поединци заработуваат без да плаќаат даноци.

Со измените на Законот за туристичка дејност од 2009 и 2021 година се изврши најголем атак врз посредничката улога на туристичките агенции, бидејќи им се овозможи на странските тур-оператори да имаат директен контакт со локалните даватели на услуги, односно хотелите и други сместувачки капацитети, а туристичките водичи да можат да бидат лица кои што не се македонски државјани. Со тоа се отвори и патот некој друг да го интерпретира македонското културно наследство, велат експертите. Тие посочуваат дека треба да се заштитиме по примерот на Италија каде што има над 4.000 археолошки локалитети каде странци не смеат да водат туристички групи.

„Час поскоро треба нешто слично да направиме во нашето поднебје, односно со некој дополнителен законски или подзаконски акт да се заштитат одредени локалитети како што е Охрид и ова заштитено подрачје од УНЕСКО, со цел да ги заштитиме локалните чинители“, изјави доц. д-р Климент Наумов-Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Работата на туристичките агенции се влоши по појавата на „Букинг.ком“. Едноставна платформа поради која скоро никој не ги користи нивните услуги за сместување и други дополнителни дејности. Тоа мора да се регулира велат од туристичките агенции, бидејќи сега конгреси, екскурзии или сместување организираат директори на училишта, вработени во државни институции, туристички водичи, па дури и свештени лица, без притоа да плаќаат даноци.

„Процентот кој го даваат нашите туристички агенции на Букинг, значи данокот не го плаќаат во Македонија. Затоа Турција донесе закон да имаат фирма, Букинг да има фирма во Турција и данокот да го плаќаат во Турција“, вели Владо Суклоски-сопственик на туристичка агенција.

Според Суклоски основа на сите проблеми на агенциите е згаснувањето на Асоцијацијата на туристички агенции АТАМ, поради што агенциите немаат институционална заштита и нема кој да реагира кога се носат закони спротивни на нивните интереси.

Сашо Нелоски