Дваесеттина пациенти со механичка поддршка на срцето се на листата за трансплантација
Дваесеттина луѓе во државата живеат со механичка поддршка на срцето и трајно решение гледаат во трансплантацијата. Од до сега извршените шест трансплантации, ниту едно срце не завршило кај пациент со механичка поддршка. Надлежните велат дека со зголемување на органодарителството ќе се зголемат и трансплантациите за поголем број пациенти во животозагрозувачка состојба.

Бележиме голем напредок во органодарителството и трансплантациите, направени се шест трансплантации на срце и пациентите се во добра состојба, велат од „Храбро срце“, Здружение кое ги застапува интересите на пациентите со механичка поддршка на срцето. Бараат одговор од надлежните зошто до сега не е извршена трансплантација на ниту еден пациент со механичка поддршка.
Пациентите со механичка поддршка на срце се на листата за трансплантација, вели Националниот координатор, но приоритет имаат оние кои се во животозагрозувачка состојба.
Здружението „Храбро срце“ се залага за правото секој сам да одлучи за време на животот дали ќе биде органодарител во услови на мозочна смрт, што е пракса во многу држави.
Славица Величковска
